Галерија на Икони – Црква Свети Никола

Галерија на икони Црква Свети Никола Куманово
Галеријата со колекција од икони од кумановскиот крај се наоѓа во црквата Свети Никола во центарот на градот. Колекцијата претставува културно богатство од исклучително значење кое зборува за уметноста од минатото. Галеријата е сместена на катот во самата црква. Постојаната поставка е отворена по повод обележувањето на 150-годишнината од изградбата на црквата, во јануари 2001 година. Во галеријата се наоѓаат икони кои потекнуваат од неколку цркви и манастири од кумановскиот крај кои се наоѓаат на оддалечени и пасивни места, каде биле подложни на исчезнување и заборав и тоа: Забелскиот манастир – црква Света Богородица, Карпинскиот манастир – црква Воведение на Богородица, Градишкиот манастир – црква Свети Ѓорѓи, црква Свети Ѓорѓи Победоносец -с. Младо Нагоричане, црква Свети Никола – с. Павлешенце, црква Успение Јованово-с. Режановце, црква Свети Спас -с. Довезенце, црква Свети Илија – с. Никуљане, црква Свети Никола -с. Колицко, црква Свети Илија -с. Живиње, црква Свети Параскева -с. Мургаш, црква Свети Параскева -с. Пезово, а има икони и од градските цркви – Свети Никола и Света Тројца. Иконите се од периодот од 16-ти -19-ти век, додека автори се најпознатите македонски зографи: Дичо Зограф, Вено Зограф, Зафир Зограф, Димитар Андонов – Папрадишки, Андреа Дамјанов и Хаџи Костадин од Велес.