Занаетчискиот Дом

Занаетчискиот дом
Занаетчискиот дом во Куманово е еден од најубавите и најрепрезентативните историски, културни и архитектонски објекти во градот, кумановската „Нотр Дам”, препознатлив белег на градот. Објектот има и посебно симболичко значење затоа што неговата изградба е поврзана со самите почетоци на планскиот урбанистички развој на градот, како и економскиот раст на почетокот на 20-иот век. Објектот е веројатно најинспиративното архитектонско дело на рускиот инжинер Владимир Антонов. Изграден во периодот помеѓу двете светски војни, кога Куманово бил претежно занаетчиски град, домот требало да послужи за културно издигање на занаетчиската младина. На иницијатива на Занаетчискиот еснаф, во декември 1923 година била донесена одлука за покренување на фонд за изградба на домот. Камен темелник на Занаетчискиот дом бил удрен при крајот на мај 1930 година, во време на силна економска криза, како во светот, така и во државата. Објектот бил изграден за шест месеци, а на свеченото пуштање во употреба на 21 ноември 1930 година, била организирана помпезна свеченост со присуство на претседателот на тогашната Влада на Кралството Југославија, Петар Живковиќ. Домот требало да послужи за разни деловни и манифестациски активности на кумановските занаетчии. Намената и функцијата на Занаетчискиот дом се менувал низ годините приспособувајќи се на трендовите и потребите. Денес со делот од Занаетчискиот дом во кој е сместена големата сала, како и дуќаните, стопанисува локалната самоуправа, додека државата стопанисува со задниот дел во кој е сместено Подрачното одделение на Државниот Архив на РМ.

Advertisements