НУ Музеј Куманово

Музеј Куманово Музеј Куманово Музеј Куманово
Почетоците на музејската дејност во Куманово датираат од 1951 година кога е основан Градски музеј и архивско средиште. На 21.12.1964 година се формира самостојна установа Историски музеј, која во 1979 година го менува името во Народен музеј Куманово. Музејската зграда била некогашна вила на богатиот индустријалец од Песковац, Живко Стојиљковиќ, изградена во 1926 година со типичен белег на старата градска архитектура. Се наоѓа во непосредна близина на центарот на градот, во чиј двор е сместен лапидариумот. Од 27 јули 2004 година, музејот е пререгистриран како Национална установа Музеј – Куманово.

Во своето повеќегодишно постоење, музејот се афирмира како значајна научна и културно-образовна институција. Според својата организациска поставеност, спаѓа во општите музеи со следните одделенија – археолошко, историско, етнолошко, ликовно и одделение за евиденција, документација и заштита. Располага со вкупно 7000 експонати од сите збирки на одделенијата, што е резултат на теренските истражувања и научната обработка. Ова културно наследство континуирано беше презентирано преку повремени тематски изложби, чија бројка изнесува над 650, а денеска музејскиот материјал е изложен на постојана поставка во музејската зграда, на приземјето и катот, на површина од 250 м2. За својата истражувачка изложбена, издавачка и културно-просветна дејност, музејот е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои два пати на Ноемврската награда, 1972 г. и 1986 г.

Во Кумановскиот регион се регистрирани преку 250 археолошки локалитети, а делумно се истражени само 14. Најстаро живеење, потврдено со археолошките истражувања, потекнува од младото камено време, неолит.

Археолошките предмети се распоредени во 4 збирки: праисторија, антика, среден век и нумизматика.

Фондот на историското одделение е најбогат, распореден во 4 збирки по периоди. Национално-револуционерно движење, меќу двете светски војни, НОВ и социјалистички период.

Етнолошкото одделение содржи повеќе збирки. Народни носии и ткаеници, предмети за лична употреба, покуќнински предмети, народно стопанство, народни музички инструменти и народни обичаи. Најбројна е збирката на народни носии и ткаеници.

Advertisements