Црквата Св. Никола – Орашац

Sv. Nikola

Sv. Nikola

Sv. Nikola

Sv. Nikola
Селото Орашац се наоѓа југоисточно во општината Куманово, од левата страна на реката Пчиња, десно од магистралниот пат Куманово – Св. Николе. Од градот Куманово е оддалечено 14 км. Во ова село се наоѓаат две цркви, едната постара, посветена на Св. Никола.

Црквата Св. Никола е непозната, неидентификувана и непроучена, во науката. Прв и единствен, кој ја споменува оваа црква е д-р Ј. Трифуновски, во 1974 година. Се наоѓа југоисточно од селото, на локалитетот Калиште, до селските гробишта, скриена во подножјето на ридот и вкопана со својата североисточна страна в земја, што одвај се забележува. Таа е мала едно-корабна градба со полукружна апсида на исток. Градена е од кршен камен, покриена со двосливен покрив од ќерамиди. Според начинот на изградбата и местоположбата, оваа црква е доградена врз постара црква од времето на Османлискиот период во XVI или XVII век. Јужната фасада е разбиена со еден правоаголен отвор заштитен со железна решетка и два тесни вертикални засеци, кои кон внатрешноста трапезно се шират во правоаголни отвори, типично за црквите од турскиот период. Од северната страна нема отвори. На западната фасада се наоѓа главниот влез во црквата, а споредниот на јужната фасада, врамени во камени арки. Над јужниот влез се наоѓа слепа лунета со фреска на св. Никола, патрон на црквата, а над западниот, ликот на Исус Христос. И двете допојасни фрески се мошне оштетени. Внатре, црквата е засведена со полукружен свод.

Денес црквата нема живопис, освен единствената фреска во олтарската апсида. Карактеристично е што во апсидата, наместо вообичаената претстава на Богородица Оранта е прикажан Христос Велики Архиереј со круна на главата, со двете раце кренати нагоре, до појас, доста оштетен, но е единствен ваков пример во кумановскиот регион и пошироко.

Тука, во олтарската апсида особено внимание привлекува една секундарно вградена мермерна римска стела со латинско капитално писмо, која служи како хоризонтална подлога (трпеза). Тоа говори дека оваа црква е градена врз темели на постара доцноантичка црква, која претрпела радикални промени во наредните векови, преку византискиот, поствизантискиот, сé до преродбен-скиот период.

Од црковниот инвентар, црквата поседува висок дрвен иконостас, певница и владички престол од средината на XIX век.

Oвој сакрален објект е единствен и редок по својата архитектура во кумановскиот крај, и како таков, е мошне значаен за развојот на два значајни периоди од историјата на уметноста во Македонија, на Средниот (поствизантиски период) век, кога е изграден, и на Новиот век, кога е дограден. За жал, не се преземени никакви превентивни мерки за негова заштита и денеска се наоѓа во лоша состојба, тремот со колонада од аркади се распаѓа, на кој се видливи траги од влага и оштетени греди и трски на покривната кон-струкција, а иконите се оштетени, особено страничните врата на иконостасот, распукани по целата висина, на кои им е потребна итна заштита.

Advertisements